Норвешка нема да вакцинира со „AstraZeneca“ до 15-ти април

Photo by Fred TANNEAU / AFP)

Норвешките здравствени власти го продолжија во петокот суспендирањето на вакцинирањето со препаратот против коронавирусот на англо-шведската компанија „AstraZeneca“ до 15-ти април, со образложение дека мора поопширно да се истражат нејзините евентуални нуспојави по случаите на сериозни проблеми со згрутчување на крвта.

Со овој потег Норвешка ѝ се приклучи на Данска во чекањето на резултатите од проверките додека повеќето европски земји продолжија по кусото суспендирање со имунизацијата на своето население со „AstraZeneca“, откако Европската агенција за лекови (ЕМА) минатата седмица ја оцени вакцината за „сигурна и ефикасна“.

„Оваа одлука за продолжување на суспендирањето на имунизацијата со вакцината на AstraZeneca е тешка, но оправдана. Сметаме дека се потребни натамошни истражувања за овие случаи, за на норвешките граѓани да можеме да им дадеме најдобри можни препораки за вакцинирањето“, изјави шефот на норвешкиот Институт за јавно здравје (FHI), Геир Букхолм во писмена изјава за медиумите.

Во оваа нордиска земја неколку медицински работници помлади од 55 години и во добра здравствена состојба имале комбинација атипични системи, меѓу кои и згрутчување на крвта, крварење и пад на бројот на тромбоцитите, неколку дена откако ја примиле вакцината на „AstraZeneca“.

Три лица починале а едно, помладо и без познати здравствени проблеми, подлегнало по излив на крвта во мозокот.

Досега не е утврдена поврзаност меѓу овие случаи и вакцината на оваа англо-шведска лабораторија, но тим од норвешки лекари наведе дека овие ретки но тешки случаи го сметаат за последици од „силни имунолошки реакции“ на вакцината.

„Главно е да се утврди дали постои причинско-последична врска меѓу вакцината и многу тешки пропратни појави, на што се сомневаме“, изјави за норвешкото државно радио NRK, функционерката на FHI, Камила Столтенберг.

Продолжувањето на суспендирањето за седмица-две ќе ја одложи кампањата на вакцинација во Норвешка, истакнува Институтот. Оние кои ја примиле првата доза од оваа вакцина засега нема да ја добијат другата, се додава во соопштението.

Нордиските земји, кои речиси истовремено меѓу првите ја запреа вакцинацијата со „AstraZeneca“, сега делуваат некоординирано. Данска во четвртокот извести за триседмично продолжување на престанување на употребата за потемелно да бидат испитани можните нуспојави од вакцината, а Финска, Исланд и Шведска продолжиле со користење на вакцината, сепак наменувајќи ја за постарата популација.