Норвешкиот систем за извоз на гас би требало во остатокот од Европа да испорача редовни количества енергија годинава, по прекинот во септември поради одржувањето, изјави во понеделникот челникот на гасоводниот систем „Gassco“.
Норвешка годинава стана најголемиот снабдувач со гас на Европа, надминувајќи ја Русија којашто ги минимизираше од пролетта испораките преку единствениот функционален гасовод Северен тек 1 а од минатата седмица и сосема го прекина, повикувајќи се на технички проблеми, покажуваат податоците на веб-страницата Refinitiv Eikon.
Системот за гас на „Gassco“ ги снабдува преку цевководи Велика Британија, Германија, Белгија и Франција, а компанијата годинава го одложи летното одржување за да осигури снабдување поради намалените испораки од Русија.
„Ова лето испорачавме количество гас какво што вообичаено ги доставувавме во зимските месеци“, изјави извршниот директор на „Gassco“, Фроде Леверсинд.
Испораките годинава веќе пораснале за еквивалент од 60 терават чесови, или за 4.97 милијарди кубни метри гас, според податоците на норвешката компанија.
„Во септември ќе го извршиме неопходното планирано одржување коешто ќе го намали капацитетот, но системот ќе биде подготвен за почетокот на зимата на 1-ви октомври“, вели Леверсунд.
Норвешка и покрај тоа во 2022 година преку гасоводите ќе испорача повеќе од 117 милијарди кубни метри гас, што е нов годишен рекорд, во однос на минатогодишните 113,2 милијарди кубни метри, додава Леверсунд.
Во следните две до три година очекуваат слични размери на работите на одржувањето, што исто така би требало да обезбеди континуирано високо ниво на испораките.
Вкупните капацитети на „Gassco“, според Леверсунд, би можел да ги зголеми и новиот гасовод „Baltic Pipe“, кој Норвешка преку Данска ќе ја поврзе со Полска, а би требало да започне со работи во октомври. Колкав точно ќе биде ефектот од додавањето цевки ќе биде познато дури откако гасоводот ќе започне со работа, додава.
Според прогнозите од мај, вкупното норвешко производство, вклучително и течниот природен гас (LNG), би можело годинава да порасне за 8 отсто, на 122 милијарди кубни метри.