Нотр Дам ќе биде отворена во 2024 година

Катедралата Нотр Дам во Париз, која беше уништена во пожар пред две години, повторно ќе биде отворена за посетителите во 2024 година. Тоа го вети француската министерка за култура Розелин Бачело.

Таа соопшти дека биле собрани 833 милиони евра преку јавна акција, што се доволно средства за реконструкција на катедралата.

Министерката денеска, точно две години по пожарот кој делумно го уништи објектот, ќе замине на градилиштето заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, кој тогаш побара катедралата да се обнови во рок од пет години.

Пожарот во катедралата Нотр Дам избувна ноќта на 15 април 2019 година. Кулата се урна и голем дел од покривот беше уништен, но пожарникарите успеаја да го зачуваат овој грандиозен средновековен објект, ремек-дело на готската уметност.