Реномираната компанија „Адора инженеринг“, градежен бренд кој постои 22 години, започнува со изградба на нов станбено деловен комплекс Порта Скопје by Adora, во Општина Центар – Скопје, каде ќе се возобнови и реконструира дел од едно од најстарите скопски маала Крњево, што досега беше ругло во центарот на главниот град. Градежното земјиште на улица Беласица бр.1, кое е во сопственост на Адора инженеринг повеќе од 20 години, досега нелегално и бесплатно се користеше за диво паркирање на бројни автобуси, автомобили и други возила, беше преполно со смет, шприцеви и други пластични и хемиски супстанци, кои компанијата еднаш во неделата го чистеше на своја добра волја.
Во 2012 година, со донесениот ДУП од Општина Центар, на спомнатата градежна парцела беше предвидена изградба на објект со 57.500 m², што потоа се намали за околу 24.000 m². Сега, на околу 33.700 m² бруто развиена површина, наместо првичните 300, се проектирани 193 станови, што е 60 отсто од објектот, а останиот дел е предвиден за изградба на деловни простории, според сите законски прописи и стандарди. За потребите на сопствениците и станарите, објектот ќе располага со 317 паркинг места за автомобили на партер и 2 подземни нивоа и со 408 паркинг места за велосипеди, што е прв ваков пример кај нас.
Со ДУП-от донесен за Општина Центар во 2012 година, големината на овој објект е намалена за околу 40 отсто, со што центарот на Скопје во месноста Крњево, ќе добие еден современ и еко станбено-деловен објект со сообраќајно решение и 20 отсто зеленило. Од „Адора инженеринг“ изразуваат жалење за негативната кампања и говорот на омраза во врска со нивниот најнов проект, што се појави во поедини медиуми од одредени извори, и потенцираат дека сепак, тоа е поттик овој изразено запуштен дел во центарот на Скопје, да го претворат во пријатно место за хумано живеење за граѓаните.
Од „Адора“ велат дека овој домашен инвестициски проект со финансиски обрт од 100 милиони евра, ќе отвори стотици нови вработувања во државава, во работниот процес ќе се ангажираат и голем број компании, кои ќе имаат значајни придобивки од инвестицијата и дека секој економски параметар ќе биде во полза на македонската економија, што не е секогаш случај. Просторот каде што ќе се гради станбено деловниот комплекс, ќе има повеќе зеленило отколку што сега има асфалт, додаваат од Адора инженеринг, порачувајќи дека тие сеуште веруваат дека во Македонија владеат законите и единствено што бараат е само рамноправност во бизнисот со странските инвеститори.