Нов граничен премин ќе ја поврзува Романија со Украина

Нов граничен премин ќе ја поврзува Романија со Украина. Ќе се гради меѓу Била Церква и Сигету Марматиеи, а целта ќе биде да го олесни преминот на луѓе и стоки.

Договорот меѓу двете земји беше постигнат денеска за време на посетата на украинскиот премиер Денис Шмигал на Букурешт. Церемонијата на потпишување се одржа во палатата „Викторија“ (зградата на Владата).

„Тоа ја означува консолидацијата и напредокот во билатералните односи меѓу Романија и Украина“, рече владиниот портпарол Михаи Констан.

За време на заедничките изјави веднаш по церемонијата, романскиот премиер Марсел Чолаку и Денис Шмигал се осврнаа на други актуелни теми на агендата.

„Романија ќе биде ангажирана на ист начин како и досега во олеснувањето на извозот на украинското жито на меѓународните пазари. Преку Романија се надеваме дека ќе транзитираме над 60 отсто од вкупниот обем на извоз на жито од Украина“, најави Чолаку.

Тој додаде дека тој и неговиот украински колега поставиле амбициозна цел да се удвои обемот на транзит на украинско жито во Романија од два милиони тони месечно на четири милиони тони и нагласи дека мерките што ќе бидат преземени на национално и европско ниво, на ников начин нема да бидат на штета на романските земјоделци.

„Владата и јас ќе продолжиме да даваме целосна и доследна поддршка на Украина. Обединети сме против руската воена агресија и варварските акти. Овој бесмислен конфликт мора да запре. Предлагаме целосна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Ние ќе стоиме со Украина толку долго колку што е потребно додека Украина не победи“, рече Чолаку.

Тој упати повик кон Украина да продолжи да се бори како досега, бидејќи зад себе има сојузници, како што се САД, НАТО и ЕУ и пријатели како Романија.

„Местото на Украина и Молдавија е во ЕУ“, додаде Чолаку.

Шмигал се заблагодари за топлиот прием на украинските бегалци во Романија.