Нов капитален проект се планира да се направи во Скопје. Станува збор за изведба на нов излез од населбата Ѓорче Петров кон обиколница.
Сообраќајната студија веќе е направена и се очекува реализацијата на овој проект да започне во 2019 година, а доколку има можност и порано во 2018.
Проектот предвидува новиот излез да започне со продолжување на булевар „Илинден“. Исто така да се изгради и нов мост на Вардар. Потоа излезот да поминува низ населбата Ѓорче Петров покрај Лепенец, за на крај да излезе на скопската обиколница.
Ова денеска беше презентирано на состанокот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на кој се разгледуваше прогресот на решавање на барањата на граѓаните, кои произлегоа од теренските посети на општините низ Македонија.
Ова е доста комплициран проект кој не е ветен. Имаме сообраќајна студија. Се работи за булеварот „Илинден“ да се продолжи право со мост преку Вардар, па потоа во општина Ѓорче Петров. Тоа е капитален проект. Минималната вредност ќе биде 10 милиони евра и се очекува рализација по 2018/2019. Градбата би почнала најверојатно во 2019, рече претставникот од Град Скопје, Марјан Тодоровски.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски истакна дека се работи за проширување на „Илинденска“ преку артерските бунари, покрај сервисите и избива на обиколницата кај селото Орман.
Груевски укажа дека доколку е возможно да се забрза реализацијата на проектот.
Важно е да не застане проектот, да не застанат подготовките, да се истера целата документација, сите процедури, за 2019 да е сигурно и ако може во 2018 година да се почне, рече Груевски.
Овој крупен проект кој е важен и за општината Ѓорче Петров и за Градот Скопје, иако не беше ветен сепак ќе се реализира, а бенефит од него ќе имаат сите граѓани.