Фудбалерите на Интер, едни од фаворитите за освојување на „скудетото“, разочараа и во вториот натпревар од новото италијанско првенство по стартниот пораз од Сасуоло, откако во неделата на својот стадион одиграа 2:2 против Торино.
Интер одигра одлично прво полувреме во коешто и дојде до водство од 2:0, но во продолжението гостите од Торино успеаја да израмнат па дури беа и на чекор од победата.
„Нераѕурите“ веќе во шестата минута поведоа со голот на Иван Перишиќ, по нискиот центаршут на Мауро Икарди во шеснаесетникот. Во 32 минута меѓу стрелците се впиша и Стефан де Вриј и во тие моменти се чинеше дека Торино ќе ја плати „сметката“ на Сасуоло. Но во второто полувреме Интер како да не истрча на теренот, а гостите целосно ја преземаа доминацијата. Во 55 минута намали Андреа Балоти, а во 68-та израмни Меите. Гостите потоа имаа уште неколку шанси за гол, но домашниот голман Самир Хандановиќ го спречи новиот пораз на Интер, кој во последните моменти повторно преку Перишиќ имаше шанса сепак да победи, но на спротивниот гол сигурен беше Салваторе Сиригу.
Фиорентина, чиј меч од првото коло со Сампдорија беше одложен поради трагедијата во Џенова, во првиот првенствен дуел сезонава постигна убедлива победа од 6:1 над Киево, кое претходното коло дома несреќно загуби со 2:3 од актуелниот шампион Јувнтус. „Виолите“ ја имаа иницијативата од самиот почеток на мечот и не застанаа сите 90 минути. Стрелци беа Никола Милинковиќ во 8, Жерсон во 42, Марко Бенаси во 49 и 90, Фредерико Киеза во 72 и Џовани Симеоне во третата минута од судиското продолжение, додека почесниот гол за гостите го постигна во 76 минута Ненад Томовиќ.
Калјари и Саусоло одиграа 2:2, а гостите до бодот дојдоа од пенал во деветтата минута од судиското продолжение. Двата гола за домашните ги постигна Леонардо Паволети, во 10 и 73 минута, а за гостите првото израмнување го донесе во 53 минута Доменико Берадри, а вторпат израмни Кевин Принс Боатенг во 90+9 минута од белата точка.
Џенова со 2:1 беше подобра од Емполо. Головите за победникот ги постигнаа Пјатек во 6 и Куаме во 18 минута, а стрелец за гостите беше Мраз во четвртата минута од судиското продолжение.
СПАЛ дома со 1:0 ја совлада Парма, а стрелец беше Антенучи во 49 минута. Со истиот резултат славеше и Удинезе на домашен терен над Сампдорија, а голот во 9 минута го постигна Де Пол. Фросиноне и Болоња си поделија под еден бод откако одиграа без голови.
Во саботата Јувентус со 2:0 го доби дербито со Лацио, а Наполи со голем пресврт, исто така, на свој терен со 3:2 го совлада Милан кој имаше водство од 2:0.
Во понеделник силите ќе ги одмерат Рома и Аталанта. Рома во моментов е 9-та со три бода и има шанси со полн погодок да се придружи на водечката тројка.
На табелата во водство се Јувентус, Наполи и СПАЛ со по шест бодови. Интер е на 11-то место со еден бод, додека Милан е на 17-то место, но со еден одложен меч. Лацио е претпоследен 19-ти без бодови, откако во првото коло дома го загуби дербито против Наполи.