Нов меѓуетнички инцидент на Косово, српско 18-годишно момче претепано по враќање од божикната литургија

Канцеларијата на официјален Белград за поранешната јужна српска покраија Косово и Метохија каде албанското мнозинство со поддршка на Западот во 2008 година еднострано прогласи незавосна Република Косово, соопшти во саботата дека изминатата ноќ група Албанци претепале 18-годишно момче од Клокот, педесетина километри јужно од Приштина.

Во соопштението се наведува дека момчето Стефан Томиќ било претепано додека со својот брат се враќале од полноќната божикна литургија од црквата „Свети Петар и Павле“ во Клокот.

Претепаното момче се здобило со повреди на окото, раката, стомакот и нозете, а лекарска помош побарал во здравствена установа во Витина.

Канцеларијата за Косово и Метохија оцени дека и овој напад ја „покажува антисрпската хистерија што владее во Косово и колку Србите се загрозени, особено јужно од Ибар“.

Инцидентот се случи откако вчера од огнено оружје беа ранети две момчиња, браќа на 11 и 21 година. Во нив беше пукано од возило во движење во близина на Штрпце. Косовската полиција синоќа соопшти дека е уапсен 33-годишен напаѓач, кој бил припадник на косовските безбедносни сили.