Нов обид за избор на виш јавен обвинител во петок

Советот на јавни обвинители, со еден кандидат ќе прави избор за прв човек на скопското вишо обвинителство. На седницата која ќе се одржи во петок, советот ќе може да гласа само за досегашниот обвинител Мустафа Хајрулахи, бидејќи од трката се откажаа Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми. Тоа ќе биде трет обид да се избере раководител на Вишото обвинителство во Скопје. Првично закажаниот избор не се реализираше зашто членовите на советот побараа дополнително време да ги разгледаат биографиите на тројцата кандидати, но, во меѓувреме, Фетаи без образложение ја повлече својата кандидатура. Од трката се откажа и Рустеми, откако при вториот обид за избор, советот остана без кворум.

Хајрулахи кој сега нема конкуренција, од Советот на Јавни обвинители добил забелешки за работата на обвинителство во кое сака да добие уште еден мандат. На седницата кога се разгледувал извештајот, се забележува дека Вишото скопско обвинителство нема податоци за причинета материјална штета од кривични дела, не реализирало ниту една конфискација, а обвинителството имало и голем број заостанати истраги. На отчетот пред советот на јавни обвинители, според записникот, Хајрулахи немал објаснување за забелешките – само ветил подобрување на состојбата.

Освен Вишото во Скопје, во петок раководители ќе треба да добијат и обвинителствата во Гостивар, Битола, Велес, Куманово. Се предлага и распишување нов оглас за обвинители кои ќе гонат организиран криминал и корупција, откако на претходниот избор ниту еден од кандидатите не доби поддршка од Советот на јавни обвинители.