Новото барање за помош што Украина го испратила до земјава наскоро треба да се најде на седница на Владата, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Дека Украина доставила вакво барање до властите во земјава министерот информираше за време на неодамнешниот самит на НАТО што се одржа во Вашингтон, САД.
За разгледување на барањето на седница на Влада и донесување конечна одлука, како што кажа Мисајловски, се чека сите министри да добијат безбедносни сертификати бидејќи станува збор за информации од доверлив карактер.
„Набрзо ќе се пушти таа информација и ќе се обзнани каква дополнителна опрема ќе се дава, но таа опрема, еве вака директно да кажам, е од претходната опрема што се давала, дел од тоа што останало дополнително да се предаде“, рече Мисајловски одговарајќи на новинарско прашање по настанот на кој беше извршено примопредавање на опрема од Република Турција за Армијата.
Министерот истовремено најави дека во наредниот период треба да се направи процена на вредноста на сè она што сме го дале како помош за Украина, која, како што додаде, ќе продолжи и во иднина.
„Но, што е важно да се направи во овој период, а не е направено во изминатите години е целосна проценка на она што е дадено затоа што согласно регулативата ние треба секоја година да издвојуваме средства за помош на Украина бидејќи сме членка на НАТО, но нема проценета вредност колку чини она што го даваме. Затоа е важно овој период да направиме проценка на сето она што сме го дале како земја бидејќи во овој момент сме петта земја контрибутор на донации и помош кон Украина и тоа ќе продолжи и во иднина. Се разбира, тоа е многу важно и за Украина, ние да покажеме дека сме стабилна членка во НАТО“, изјави министерот за одбрана.
Инаку, Македонија досега во неколку транши достави помош за Украина, како во воена опрема така и во хуманитарна помош.
Како дел од воената помош, во Украина отпатуваат и тенкови од Тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран. Како што информираа на крајот на јули 2022 година од Министерството за одбрана, станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”.