![gazprom gas](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/gazprom-gas.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Рускиот гас стивнува во Европа, но американскиот течен природен гас ќе може целосно да тече на континентот дури во март идната година. Американскиот извозник „Фрипорт ЛНГ“ објави дека до тогаш ќе ја санира гасната линија која пукна во експлозија од преголем притисок. Сепак, 85 отсто од капацитетот на постројката во Тексас компанијата очекува да го врати во функција веќе до ноември годинава, пренесува Б92.
Постројката во Тексас сочинува една петтина од американскиот извоз на ЛНГ и е главен снабдувач за европските купувачи кои бараат алтернативни извори на снабдување. Таму дневно поминуваат околу шест милиони кубни метри природен гас, а со полн капацитет може да се извезуваат 15 милиони тони течен гас годишно.
Околу 3,3 милиони кубни метри гас дошле во Европа од мај, наспроти 2,3 милиони во март, покажуваат податоците на аналитичката компанија „Ристад енерџи“. Околу 70 отсто од извозот на „Фрипорт ЛНГ“ во изминатите месеци беше насочен кон ЕУ и Велика Британија, додека Франција, Турција и Холандија се меѓу најголемите увозници годинава.