Нов скандал со давање државна помош од 50 милиони евра на грчка компанија

Грчката компанија „Митилинеос“ ќе гради когенеративна гасна електрана во Гази Баба со инсталирана моќност за производство на електрична енергија од 130-165 MWe и топлинска енергија од 90-105 MWth.
Во Собранието веќе стигнал предлог законот за стратешкиот проект, кој се усвоил на владина седница што се одржала на 16-ти јануари, на една од последните седници пред формирањето на техничката влада. Предлагач е министерот за економија Крешник Бектеши, а потписник е првиот вицепремиер Артан Груби. Законот се носи по скратена постапка, објави Канал 5.

Инвестицијата ќе чини 290 милиони евра, од кои близу 50 милиони евра ќе ги даде државата како директна финансиска поддршка, без државата да добие удел во централата.. Она што може да се види во предлог законот е дека иако финансирањето на проектот фирмата ќе го прави со сопствени средства, сепак по нивно барање Владата ќе склучува директни договори побарани од заемодавачите за обезбедување на финансирањето.

Освен тоа, државата се обврзува да формира и нова индустриска зона „Енергија Скопје“ во Гази Баба, а ЕСМ ќе биде обврзана произведената електрична и топлинска енергија да ја купува од инвеститорот, но по кои цени не е познато. Тоа дополнително ќе треба да се утврди со Договорот, но Законот предвидува дека при откупот нема да се применуваат законите и другите прописи кои ги уредуваат јавните набавки.

Исто така, предвидено е инвеститорот, грчки „Митилинеос“ да има право на гарантиран слободен пристап до пазарот на електрична енергија и приоритетен пристап до електропреносниот систем со приоритет при диспечирање на електричната енергија произведена од постројката.

Со оглед на тоа што инвестицијата се смета за развоен проект поддржан од владата, па така за нив нема да се применува ниту квотата за работни дозволи од Законот на вработување и работа на странци.

„Митилинеос“ 10 години нема да биде подложен на плаќање било кои нови даноци. За реализација на проектот најпрво ќе треба да се потпише и договор со грчката компанија кој ќе биде во траење од 30 години со можност за продолжување или раскинување.

Како се утврди вредноста на проектот, кој е бенифитот на државата и како се дошло до сумата за субвенција од 50 милиони евра, засега нема одговор од Министерството за економија ниту од Советот за стратешки инвестиции во Владата.