Нов случај на фемицид во Босна и Херцеговина е потврден во понеделникот, откако полицијата преку изјави на очевидци утврдила дека 38-годишен маж убил жена, а потоа се обидел да се самоубие.
Злосторството се случило во градот Шипово во северозападниот дел на Босна и Херцеговина, а полицијата на ентитетот Република Српска утврдила дека маж во автомобил прво убил жена, а потоа се обидел да се самоубие. Тој е пронајден во тешка состојба и пренесен во болница додека инспекторите се обидуваат да ги утврдат сите околности на оваа трагедија.
„За сите поединости подоцна ќе се обрати дежурниот обвинител кој е на терен“, изјави Божана Вулин, портпаролка на полициската управа на Мркоњиќ Град.
Локалните медиуми јавија дека убиецот Никола Кумбо бил во вонбрачна врска со убиената 34-годишната Анѓелка М., а заедно имале две малолетни деца. Убиецот наводно и претходно бил казнет за семејно насилство.
Нов случај на фемицид е забележан само еден ден по годишнината од убиството на Низама Хеќимовиќ, која беше брутално егзекутирана во Градачац од Нермин Сулејмановиќ, кој потоа се самоуби, беше одбележана со собири во различни делови на Босна и Херцеговина во неделата.
Убиецот во живо на социјална мрежа го пренесувал злоставувањето и убиството на Хеќимовиќ, па тоа злосторство дополнително ја трауматизираше јавноста и пошироко во регионот.
И покрај бурните реакции, осудите и барањата случаите на фемицид да се казнуваат построго и да се преземат мерки за ефикасна заштита на ранливите жени од насилнички партнери, по убиството на Низама Хеќимовиќ уште 13 жени беа убиени на сличен начин во Босна и Херцеговина во изминатата година.
Дури девет од овие жени биле убиени од нивните сопрузи, а во други случаи убијците биле луѓе кои ги познавале своите жртви или имале емотивен однос со нив.