Нов состав или колективна оставка во ДИК

Договорот од Пржино кој го постигнаа лидерите на четирите најголеми политички партии и со кој практично се стави крај на политичката криза во земјава од понеделникот започна да се спроведува.

Европската Унија бара ДИК да биде составена од непартиски членови. За оваа цел ќе биде потребно да се направат промени во Изборниот законик, што пак од друга страна ќе биде возможно дури откако опозицијата ќе се врати во законодавниот дом, односно по први септември. Дилемата е нов состав или колективна оставка во ДИК?

Според овој договор што беше постигнат на вчерашната работна средба на ниво на работни групи, до 31 јули ќе се прегледа и модифицира состаок на ДИК, а до 30 септември ДИК ќе добие поголеми овластувања за да обезбеди фер и демократски избори, како и исто ниво на игра на сите партии.

Измените во изборниот законик, како и прочистувањето на избирачкиот список ја вжештија атмосферата на вчерашниот состанок на работната група која треба да ги спроведува препораките од договорот.

Четирите партии потписнички на договорот од 15 јули, во присуство на експерти од ОБСЕ, граѓансите иницијатицви МОСТ и Цивил, како и претставници од Министерството за правда, на средбата го отвориле прашањето како да се подобри изборниот процес.

Неофицијално, на првата средба преовладувал предлогот за активно запишување, односно запишување на избирачите на одреден период пред изборите, како и биометриски да се евидентираат знаците од прстите.

ДИК не ги извршува во целост своите задачи

Првиот човек на МОСТ Дарко Алексов во интервју за Фактор вели дека е потребно сериозно да се преиспита начинот на избор на членовите на комисијата и да се разгледаат алтернативни начини за нејзино формирање, со оглед на нејзините изменети или зголемени овластувања и надлежности коишто ќе зависат од целокупното реформирање на изборниот процес.

Тој додава дека ДИК не ги  извршува во целост своите задачи за кои е надлежна, а тоа е да грижи за севкупната законитост на изборниот процес.

Преговори зад затворени врати

Како што пишува весникот Вечер партиите потврдуваат само дека ќе излезат со свои предлози за Избирачкиот список, рекомпонирање на Државната изборна комисија, Изборниот законик, како и за другите препораки од договорот од 2 јуни и извештајот на Прибе, но одбиваат да ги обелоденат.

Приоритет ќе бидат Избирачкиот список и составот на ДИK. Партиите нагласуваат дека за своите предлози за ова прашање, ќе разговараат во потесен, односно партиски формат на состанок, пишува Вечер.