​Нов спортски комплекс „Шампиони“ во Кисела Вода

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера вечер, заедно со спортските легенди Аце Станковски, Коки Аврамовски и синот на починатиот Николчо Зиков, ја пресекоа лентата и со тоа го отворија новиот спортски компекс “Шампиони” во дворот на основното училиште “Кирил Пејчиновиќ”.

Талентираните ученици сега на располагање имаат современи терени за фудбал, за баскет, за одбојка на песок и пинг понг, а во знак на почит кон пет познати спортисти кои преку своите успеси се запишаа во светската спортска историја, на ѕидовите на објектот на училиштето беа откриени мурали на Аце Станковски, Дарко Панчев, Коки Аврамовски, Слободан Горачинов и Николчо Зиков.

Општина Кисела Вода

-Со голема радост и гордост, денес го отвораме новиот спортски комплекс во дворот на основното училиште “Кирил Пејчиновиќ”. Овoj модерен спортски центар од сега е простор каде што на нашите ученици им даваме можност да тренираат и да ги развиваат своите потенцијали во повеќе спортови. На располагање им ставаме современи терени за фудбал, за баскет, дури и за одбојка на песок и пинг понг. Со овој проект инвестираме во нашата следна генерација на спортисти, кои со својот труд и посветеност можат да ја обележат не само нашата општина, туку и целата држава. Впрочем, Кисела Вода отсекогаш била расадник на таленти и од овде потекнуваат многу познати спортисти чии имиња засекогаш ќе останат запишани во спортската историја. Во знак на почит кон оствареното и како инспирација на младите луѓе кои тука ќе спортуваат, денес ги откриваме и муралите на петте спортски легенди од нашата општина, шампионите Аце Станковски, Дарко Панчев, Коки Аврамовски, Слободан Горачинов и Николчо Зиков. Силно верувам дека и сега, во Кисела Вода имаме талентирани млади луѓе, чии имиња ќе се запишат во историјата како големи примери за спортски успеси, а ние, како локална самоуправа ќе им овозможиме квалитетни услови за спортување и остварување на нивните соништа.

Денешниот спортски комлекс, “Шампиони” е уште еден во низата спортско-рекреативни центри и паркови кои ги изградивме во овие две години, а чиј број веќе е околу 15, а градењето и обновата на спортската инфраструктура ќе продолжат со засилено темпо. Во секоја населба, во секое населено место. Бидејќи спортот не носи само успех на теренот, туку зацврснувајќи ја посветеноста и дисциплината носи и и развој на карактерот. Нека “Шампиони” биде место каде нашите млади секојдневно ќе се надградуваат себеси, креирајќи нова и подобра верзија од себеси. Нека овој спортски комлекс ја трасира спортската иднина на новите шампиони-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.