Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на работен состанок со амбасадорите на земјите – членки и набљудувачи на САД – Јадранската Повелба (А5) ги претстави приоритетите и целите на претседавањето на Северна Македонија со Повелбата во 2023 година.
Во своето излагање, Османи нагласи дека нашето претседавање се поклопува со одбележувањето на 20 годишнината од формирањето на А5, која ја има исполнето иницијалната цел за која беше основана, односно четири земји членки на Повелбата (Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Црна Гора), денес се членки на НАТО.
Министерот Османи и амбасадорката на САД, Анџела Агелер одржаа заедничка прес конференција, по работната средба со амбасадорите на Повелбата.
“Еден од најголемите предизвици претставува амбицијата која си ја поставивме пред себе како актуелни претседавачи, а тоа е создавањето нов Стратешки концепт на А5 кој треба да претставува рефлексија на улогата на организацијата во претстојната декада,” – истакна Османи
Амбасадорката Агелер му честиташе на министерот Османи и на Владата на Северна Македонија за претседавањето со САД-Јадранската повелба и со ОБСЕ. „Северна Македонија презема исклучителна лидерска улога во заедницата на европските народи во клучно време. Уверени сме во капацитетот и визијата на Северна Македонија, не само за дефинирање на идната улога на А5, туку и за адресирање на клучните прашања за европската безбедност за време на нејзиното претседавање со ОБСЕ.
Зборувајќи за важноста од соработка меѓу државите со заеднички цели, амбасадорката Агелер рече: „Унапредувањето на европската безбедност и стабилност никогаш не било толку важно како што е денес. Руската предумислена, неиспровоцирана и незаконска воена агресија против Украина претставува отрезнувачки потсетник за неопходноста од организации како НАТО и ОБСЕ.”
Османи подвлече дека Северна Македонија веќе презеде чекори во насока на подготовка на нов Стратешки концепт, изготвувајќи предлог документ со конкретни предлози и насоки врз кои би се засновала соработката на Повелбата во следната декада.
“Оваа наша амбициозна цел веќе беше тема на дискусија за време на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што се одржа во јуни, минатата година во Вашингтон. Имаме поддршка од нашиот стратешки партнер – САД да го започнеме овој процес, што е во функција на поефикасно справување на земјите од регионот со денешните предизвици. Дополнително, креирањето нов Стратешки концепт влегува и во Планот за активности во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, што се очекува наскоро да биде усвоен на владина седница.” – заклучи Османи.