Нов телефонски разговор меѓу шефовите на одбраните на Русија и САД

За кусо време во петокот е одржан уште еден телефонски разговор меѓу рускиот министер за одбра на Андреј Белоусов и неговиот американски колега по должност Лојд Остин, потврдија министерствата на двете земји без да откријат поединости од разговорот кој е втор по оној од 25-ти јуни.

Руското министерство за одбрана во соопштението наведе дека, за разлика од претходниот разговор до кој дојде по иницијатива на САД, овој телефонски повик се одржал „инициран од руската страна“. „Беа дискутирани прашањата за спречување на безбедносните закани и намалување на ризиците од потенцијална ескалација“, се додава во соопштението.

Во Вашингтон, заменичката на портпаролот на Пентагон, Сабрина Синг, информираше дека министерот Остин „ја истакна важноста од одржување на линиите за комуникација среде војната на Русија против Украина“.

Во првиот разговор меѓу шефовите на одбраната на двете суперсили по иницијатива на Остин беше разговарано за предупредувањата на Москва на опасноста од ескалација на украинската војна од продолжувањето на испораките на американско вооружување на Киев.

Вчерашниот разговор доаѓа откко претходно оваа седмица, Германија и САД објавија договор за стационирање на американски ракети со долг дострел во Германија, почнувајќи од 2026 година, што претставува првпат вакво оружје да биде стационирано во земјата од крајот на Студената војна.

Американското оружје ќе вклучува крстосувачки ракети „Tomahawk“ со дострел до 2.500 километри кои можат да напаѓаат длабоко во Русија, како и ракети за воздушна одбрана „SM-6“ и ново развиено хиперсонично оружје за кое сепак западните воени стручњаци велат дека е во раната фаза на тестирања во САД. Но, сепак, пренесувањето на споменатите видови вооружувања во Европа јасно укажува дека ткн колективен Запад се подготвува за директна воена конфронтација со Русија или, пак, предвидуваа скорешен крах на украинската одбрана.

Москва жестоко реагираше на објавата, обвинувајќи ги Германија и Соединетите држави за подигање на тензиите и поттикнување на трката во вооружување и опасна ескалација имајќи предвид дека нивните воени ресурси веќе директно се вклучени во војната во Украина. Притоа повеќе руски функционери повикаа на преиспитување на руската доктрина за користење на нуклеарното оружје, со предвидување и на превентивни удари со тактичко нуклеарно оружје доколку биде загрозен суверенитетот и опстанокот на Руската Федерација.