
Во рамките на процесот на донесување на новиот Закон за општа управна постапка, денес беше одржана Конференција на која беше презентирана драфт-верзијата на законското решение, кое е дефинирано во Стратегијата за реформа на јавната администрација.
Како што истакна министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, овој закон е дел од задолженијата од високиот дијалог меѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија.
„Системот на управните постапки во Македонија ќе се модернизира. Граѓаните ќе можат да ги добиваат сите услуги од сите институции при посета на првиот шалтер без разлика на институцијата. Со тоа се воведува уште поголема ефикасност во администрацијата, се заштедува време на граѓаните,“ рече министерот Ивановски.
Новина во законот е заштитата на корисниците од институции од приватниот сектор кои нудат услуги за кои се овластени од државата, како енергетиката, телекомуникациите, снабдување со топлина и слично.
„Со новиот закон се поставува и уште еден степен на е-владеење и е направена сериозна анализа во кои институции треба да се надгради системот за електронско владеење за да можат истите услуги граѓаните да ги добијат електронски без да посетуваат шалтер.„- додаде Ивановски.
По дискусијата за трите поглавја кои ги донесуваат новините во законот за општа управна постапка, ќе почне јавната расправа со вклучување на сите субјекти, кои ќе можат да понудат забелешки и коментари по однос на нацрт-законот.
На денешната конференција презентации одржаа Волфганг Руш, надворешен експерт на Заедничката иницијатива на ОЕЦД и ЕУ (Сигма), кој ги претстави главните иновации на новиот предлог-закон како член на заедничката подготвителна група, потоа Јан Скробоц, надворешен експерт на Сигма кој говореше на тема „ИТ-заснована комуникација во управните постапки„ како и Улрих Рамзауер, надворешен експерт на Сигма, кој го претстави хрватското скуство од реформата на Законот за општи управни постапки.
Во име на Министерството за информатичко општество и администрација, потребата од донесување на законот ја образложи Југослав Ѓорѓиески, како претседател на Заедничката подготвителна група за новиот ЗОУП.