Нов Зеланд најдобро одговорил во пандемијата на коронавирусот, додека Бразил се наоѓа на спротивниот крај од рангирањето коешто во четвртокот го објави водечкиот австралиски тинк-тенк Institut Lowy од Сиднеј, а во кој Македонија не е ниту вброена.
Споменатиот сиднејски институт ги истражувал одговорите на пандемијата во речиси сто земји во коишто податоците се јавно достапни. Биле следени шест критериуми: потврдени случаи на заразата, смртните исходи, стапката на заразени и починати на милион жители, соодносот на заразени и тестирани и бројот на тестираните на илјада жители.
„Овие индикатори заедно покажуваат колку добро или лошо државите се справувале со пандемијата“, се наведува во извештајот на оваа независна организација.
На скалата од 1 до 98 листата предводи Нов Зеланд, островската држава која ги затворни границите, рано воведе општ карантин и раширено тестирање. Со тоа земјата добила 94,4 бодови.
Следат Виетнам со 90,8 бодови, Тајван со 86,4, Тајланд со 84,2 и Кипар со 83,3 бодови, кој воедно е и најдоброрангираната земја од Европската унија на оваа листа. Забележливо е што станува збор за островски земји.
Македонија, како и Албанија, Црна Гора и Косово, не се вклучени на оваа листа, а од потесното и поширокото соседство Грција е на 31-то, Словенија е на 33-то, Србија на 51-то, Унгарија на 52-то, Хрватска на 54-то, Бугарија на 67-то, Турција на 74-то место.
САД се меѓу петте најлоши
Најлоши показатели има Бразил кој добил само 4,3 бодови, а пред него се Мексико со 6,5, Колумбија со 7,7, Иран со 15,9 и САД со 17,3 бодови.
Се истакнува и релативно ниското рангирање, и тоа зад 70-то место, на Франција, Белгија, Холандија и Шпанија, а Италија е изненадувачки на 59-то место, само неколку места зад Германија и Швајцарија.
На листата не е застапена Кина, земјата којашто прва во светот кон крајот на декември 2019 година го пријави појавувањето на новиот коронавирус но во која со месеци не се менуваат податоците за заразени и починати од минатата пролет, бидејќи австралискиот тинк-тенк, смета дека од најнаселената земја на планетата нема доволно податоци за тестирањето.
Нема најдобар систем
Истражувањето на институтот во Сиднеј, кој во 2003 година го основал австралиско-израелскиот претприемач Франк Лоуви еден од најбогатите државјани на Австралија, покажува дека не може да се одреди кој систем е подобар за управување со пандемијата, бидејќи држави со различни политички ситеми имале лош одговор.
„Некои држави подобро управувале со пандемијата, но повеќето од нив се натпреварувале кој полошо ќе реагира“, се наведува меѓу другото во извештајот.
Сепак, се чини дека може да се заклучи оти некои предности во борбата против вирусот имале земјите со помалку од десет милиони жители.
„По правило, државите со помали попуалции, покохезивни општства и способни за интиутивно реагирање имале компаративна предност во справувањето со глобалната криза како што е пандемијата“, се додава во заклучоците од истражувањето.