
Новозеланската премиерка Џасинда Ардерн изјави во понеделникот дека Нов Зеланд победил во борбата против новиот тип коронавирус, а властите започнаа со укинувањето на рестриктивните мерки.
Во Нов Зеланд, со пет милиони население, севкупно се регистрирани 1.122 сличаи на зараза со коронавирусот, која била причина за 19 смртни исходи. Во последните 24 часа е регистриран само еден нов случај на Covid-19.
„Нема општа и непотврдена трансмисија на вирусот на Нов Зеланд. Победивме во оваа борба“, изјави премиeрката Џасинда Ардерн.
Во земјата досега на сила беше највисокото четврто ниво на опасност, а од понеделникот тоа се симнува за едно ниво. Некои претпријатија, ресторани кои нудат храна за носење и образовни установи ќе започнат со работа.
Премиерката меѓутоа истакна дека не може со сигурност да се знае кога опасноста од епидемијата на островската земја сосема ќе исчезне.
„Сите сакаат повторно да ги обноват социјалните контакти кои на сите многу ни недостигаат…, но дали тоа би можело да се стори со полна доверба, мораме да напредуваме бавно и внимателно. Нема да ризикувам да го загубиме она што го постигnавме на здравствен план за Новозеланѓаните. Значи, ако мораме да останеме на третото ниво на опасност, така и ќе биде“, рече Ардерн.
Нов Зеланд кон крајот на март прогласи четиринеделна изолација, што значеше затворање на границите, задолжително останување во домовите и суспендирање на активностите на сите дуќани и служби кои не се неопходно потребни.