Нов Зеланд збунет од потеклото на вирусот

Новозеландските власти истражуваат дали првите случаи на коронавирусот по повеќе од три месеца се резултат на пристигнувањето на вирусот со увезени пратки на смрзната храна, а во земјата од средата се воведени строги мерки против ширењето на коронаинфекцијата.

Окривањето на четворицата заразени членови на семејство во Окленд, по 102 дена без потврден случај на вирусот во земјата, ја наведе премиерката Џакинда Ардерн повторно брзо да ги примени строгите ограничувања на движењето во најголемиот новозеландски град и ограничувањето на патувањата во целата земја.

Двајца членови на заразеното семејство ги посетиле туристичките места јужно од Окленд, оддалечени речиси три часа возење додека имале симптоми. Третиот член отишол на работа во финансиска компанија во Окленд, исто така со симптоми на болеста.

Од четирите нови веројатни случаи откриени во средата, двајца се колеги на лицето кое во вторникот било позитивно на коронавирусот, а двајца се поврзани со семејство во коешто престојувал еден член од заразеното семејство. Повеќе од 200 лица се идентификувани како блиски или случајни контакти на семејството и здравствените власти се подготвуваат за тестирање на десетици илјади лица во текот на следните денови.

Изворот на епидемијата ги збуни здравствените власти на Нов Зеланд, кои наведуваат оти се уверени дека во земјата немало локално пренесување на вирусот 102 дена и дека семејството не патувало во странство.

„Напорно работиме на составувањето на делчињата од сложувалката за тоа како ова семејство се заразило“, изјави челничката на новозеландскот здравство Ешли Блумфилд.

Испитувањата покажале дека е можно вирусот да бил увезен во замрзната храна. Блумфилд изјави дека во тек е тестирањето на површините во ладилниците во Окленд, каде што работел мажот од заразеното семејство. Заразениот е веќе неколку денови на боледување, а сите вработени се испратени дома.

„Познато е дека вирусот може да преживее во разладени средини доста долго“, изјави Блумфилд на прес-конференција.

Појава на увоз на коронавирусот во замрзната храна беше забележана и во повторното појавување на вирусот во Пекинг во јуни по два месеца без регистрирани случаи. Тогаш изворот беше лоциран на најголемиот пазар во земјата „Ксинфади“ откако со секвенцирање на ДНК-та на вирусот тој беше откриен на даска за сечење увезен лосос, веројатно од Европа. Кина, исто така, потоа извести дека на пакувања со увезени смрзнати морски плодови се откриени коронавируси.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) објави дека во моментов нема потврден случај кога Covid-19 се пренесува преку храната или амбалажата на храната. Меѓутоа, нагласи дека истражувањата покажале дека вирусот може да преживее и до 72 часа на пластика.

Жителите на Окленд, кој има околу 1,7 милиони население, добија само неколку часа да се подготват за враќање на ограничувањата на новото 3 во средата, кои пропишуваат луѓето да останат во своите домови, освен во случај на неопходни излегувања. Тридневното ограничување на движењето во Окленд, најавено беше во вторникот вечерта, а стапи на сила во средата рано попладнето. Во остатокот од земјата воведени се малку поблаги ограничувања на нивото 2. Рестриктивните мерки на сила ќе останат до петокот.

„Ако тргнеме жестотко, брзото ограничување на движењето сѐ уште е најдобриот одговор. Нашиот одговор на вирусот досега дејствуваше… знаеме како тоа да го победиме“, изјави премиерката Ардерн/.

Полицајците со маски на лицата поатавија блокади на патиштата во околината на Окленд, за да спречат масовно излегување од градот, а супермаркетите започнаа со ограничување на продажбата од основните продукти поради паничното купување на граѓаните. Во ланораториите за тестирање на коронавирусот се создадоа долги редици. Нов Зеланд, покрај тоа, во средата го одложи и распуштањето на парламентот, што е предуслов за одржување на изборите кои требаше да се одржат наскоро.