Нов земјотрес во Турција со магнитуда од 5,2 степени според Рихтер

Земјотрес со јачина од 5,2 степени ја погоди провинцијата Нигде во централна Анадолија, соопшти во саботата Центарот за следење на земјотресот во Кандили.

Епицентарот на земјотресот бил во областа Бор, на околу 350 километри западно од веќе опустошената област во Турција и Сирија.

Претходно, најмалку седум земјотреси со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала беа регистрирани во Турција од петокот вечерта, вклучително и во јужниот дел на земјата погодена од земјотресот, објави турската агенција за катастрофи AFAD.

Градоначалникот на градот Нигде, Емрах Оздемир, за државната телевизија TRT изјави дека сè уште нема извештаи за штета.

И Сирија во саботата објави дека забележала 61 нов земјотрес во последните 24 часа. Два земјотреса се регистрирани и во северен Ирак, јавува ирачката државна новинска агенција INA.

Првиот беше пријавен рано утрото во саботата во северната ирачка провинција Ниневија, а вториот во Ербил, главниот град на автономниот регион на Ирачки Курдистан. Нема извештаи за жртви или материјална штета.

По големите земјотреси што ја погодија Турција на 6-ти февруари, се случија повеќе од 9.600 последователни потреси. Орхан Татар од AFAD изјави дека земјотресите би можеле да продолжат и во следните две години.

Агенцијата во петокот објави дека бројот на загинати во Турција надмина 44.200 луѓе. Најмалку 5.900 луѓе загинаа во соседна Сирија, што значи дека вкупниот број на жртви од разорниот земјотрес во двете земји е над 50.000. Над половина милион луѓе беа евакуирани од погодената област во Турција.