![sobranie](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/12/sobranie-3.jpg?resize=640%2C480&ssl=1)
Се подготвува ли нова „амнестија“ за да се обезбеди неопходниот број на гласови од пратениците за усвојување на промените на Уставот кои што произлегоа од договорот за името?
Премиерот Зоран Заев откри дека во моментов како има потврда од 76 пратеници дека ќе дадат поддршка за уставните измени во третата и последна фаза.
„Потврдија 76 патеници со кои разговарав, но тоа не значи дека сите други одбиваат. Верувам дека и навистина може да се успее да се добие поддршка од 85 – 90, а дај Боже и повеќе. Тоа е и целта и затоа имаме вака инклузивен процес“, изјави Заев.
Според него, дел од пратениците својот став ќе го изнесат по поднесувањето на амандмани на уставните амандмани во текот на последната фаза.
„Јас сум им благодарен на сите кои го истакнуваат својот позитивен став досега заради тоа што овој процес го прави поизвесен и за мене како претседател на Владата или предводник на ваквиот процес, и за парламентот и најмногу за граѓаните. Останувам оптимист дека најмалку двотретинско мнозинство или 80 пратениците ќе има на седницата на 9 јануари“, истакна Заев.
Според, ова значи дека за измена на Уставот недостасуваат гласови на уште најмалку четворица пратеници.
Информациите од премиерот Заев околу тоа дека „виси“ двотретинското мнозинство за уставните измени го отворија и прашањето дали измените на Кривичниот законик кои ќе имаат влијание и врз случаите кои ги работи Специјалното јавно обвинителство се токму во насока да се обезбеди поддршката и од други пратеници.
Пратеници од парламентарното мнозинство поднесоа измени на Кривичниот законик и тоа по скратена постапка. Измените на членот 353 кои што се предлагаат се однесуваат на кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување.
Иако од СЈО објаснуваат дека измените се однесуваат на намалување на казната предвидена за ова кривично дело, тоа автоматски би повлекло и намалување на периодот во којшто застаруваат овие дела. Тоа, на крајот, би значело дека дел од поранешните функционери за кои СЈО води предмети би се спасиле од прогон по основа на застареност на делото.
Меѓу обвинетите за злоупотреба на службена должност е пратеничката Елизабета Канческа Милевска, но и бизнисменот Сеад Кочан, кој пак се поврзува со пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, кој е претседател на групата за помирување во Собранието. Канческа Милевска па е дел до Телото за помирување и гласа за уставните измени во првата фаза.
Измените на Кривичниот законик денеска го привлекоа вниманието на јавноста и медиумите по што за кратко, предлогот беше повлечен од дневен ред на денешната собраниска седница. Кратко потоа и од Владата побрзаа да демантираат дека е договорена било каква амнестија.
Владата не планира нова амнестија и нема договор со опозицијата за проширување на опсегот на амнестирање на лицата кои сториле кривични дела, објави МИА
Од Илинденска додаваат дека не предлагаат никакви измени на член 353 Владата не предлага никакви измени на Член 353 од Кривичниот Законик и не се очекува било каква промена на тој член во рамки на процесот што се одвива во Собранието, е ставот на Владата во однос на гласините што се појавија во јавноста дека покрај Законот за амнестија што беше изгласан минатата недела Владата во договор со опозицијата подготвува нова амнестија.