Нова „бомба“ на Героски: Коки се обидел да изнуди пари и од мобилен оператор

Новинарот Бранко Героски, на порталот Плусинфо, денеска ја продолжи приказната за одредена политичко-медиумска банда која се заминава со изнуда со цел остварување на лична корист.

„Власта почна да се одлепува од оваа опасна рекетарска група, да ја сече папочната врвца со неа. За почеток, настрада Кики, еден од главните „фацилитатори“ на рекетот. Ја изгуби позицијата во партијата. Очигледно, некаде во државниот врв е оценето дека работата е отидена предалеку. И дека матната сите може да ги однесе…

Така, на пример, оној проект за изградба на објекти од областа на социјалните грижи во општините, тој лажен проект за собирање на кајмакот од општинските каси, освен во општината на онаа храбра градоначалничка за која пишував (која ги отфикарила рекетарите и ги испратила да си ја пробаат среќата во Струмица), бил „продаван“ и во неколку други општини во земјата. Сѐ уште се испитува дали некаде градоначалниците подлегнале, или на блискоста со Коки и групата, или на притисокот од овие луѓе, кои се повикувале директно на премиерот Зоран Заев и така го брукале човекот.

Интересно е дека во овој проект, како своевиден декор – не како рекетар, туку како некаква гаранција за успехот – повторно е активирана една стара соработничка на Коки од неговите измамнички потфати, една инфлуенсерка која во оваа прилика ќе ја наречеме Лики. Патем речено, уште се раскажува една стара измама, кога Коки и Лики успеваат да „обработат“ една овдешна локална газдарица и да ѝ лапнат неверојатни 300.000 евра. Сфаќајќи го ризикот во зделката, Коки се извлекува да не потпише договор и ја наведува Лики да го стави својот ценет потпис – работата завршува така што сопственичката успева на наивната Лики да ѝ ја блокира трансакциската сметка.

И ете, Лики пак е во игра, како ништо да не научила од сопствената грешка…

 

Целиот текст можете да го прочитате на Плусинфо.