Нова експлозија одекна денеска во магацинот за нафта во Киев, каде вчера со часови беснееше пожар, во кој загинаа пет лица.
– Очевидците велат дека експлозијата одекнала во 5:30 часот. Десетина противпожарни едиици и спасувачи и натаму се борат против пожарот, изјави новинар од украинската ТВ станица „112“, додавајќи дека е тешко да се стави под контрола пожарот, бидејќи резервоарите со гориво се близу еден до друг.
Пожарот во складиштето „БРСМ-Нафта“, на околу 30 километри југозападно од Киев, изби вчера, по што експлодираа резервоари за гориво. До изутринава пожарот зафати најмалку 16 резервоари.
Пожарникарите успеаја да спречат пожарот да се прошири кон околната шума.
Според најновите информации во пожарот загинаа пет лица, а десет се повредени, од кои еден потешко.
Сопствениците на магацинот претходно изјавија дека се сомневаат оти пожарот бил подметнат.
Се проценува дека во складиштето за нафта има до 14 илјади метрички тони гориво.