Нова група деца од „Кисела Вода“ замина на бесплатно летување

​Нова група дечиња утрово замина на спортски камп на брегот на Охридското Езеро.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски им посака среќен пат на спортистите од младинските категории од спортските клубови од општината и на основците од социјален ризик кои наредните седум дена бесплатно ќе летуваат и ќе се дружат.

-Денес, со радост испративме уште една група на млади спортисти и ученици од социјален ризик на спортски камп на брегот на Охридското Езеро. Овој бесплатен седумдневен камп е многу повеќе од обично летување; тој претставува одлична можност децата да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите спортски таленти.
Верувам дека преку вакви активности, децата не само што ќе ги усовршат своите спортски вештини, туку ќе научат и важни животни лекции за тимска работа, дисциплина и посветеност. Наша обврска е да продолжиме да ги поддржуваме и мотивираме младите спортисти, а оваа иницијатива е само дел од нашата континуирана стратегија за промоција на спортски активности и здрав начин на живот меѓу младите. Воедно, на ова гледам и како на начин да се спречи маргинализацијата на децата од социјално загрозените семејства. Сите деца, без разлика на нивната социјална позадина, заслужуваат еднаква шанса за успех и развој. Како градоначалник, сакам да истакнам дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да инвестира во вакви проекти, кои не само што го поддржуваат личниот и спортскиот развој на талентираните млади, туку и придонесуваат за надминување на социјалните бариери и создавање на еднакви можности за сите, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Преку оваа мерка на Општина Кисела Вода бесплатно летување е овозможено на вкупно 165 дечиња.