Нова инвестиција на германската „Костал“ од 50 милиони евра и нови 250 вработувања

Костал Македонија влегува во третата фаза на инвестицискиот циклус вредна помеѓу 45 и 50 милиони евра, со што се отвора простор и за нови 250 работни места. Во Охрид ќе се произведуваат и оттаму до сите локации на Фолксваген ќе се доставува најсофистицирана опрема за автомобилска електроника, која ќе се вградува во најсовремените модели на возила. Во овие рамки ќе се реализира уште еден проект, поврзан со „Мерцедес“, вели генералниот директор на Костал Македонија, Виктор Мизо.

„За Фолксваген групацијата, за сите возила од новата програма, сѐ ќе се прави во Охрид и ќе се доставува на сите нивни локации. Вториот проект во овие рамки е производството на напредни мехатронски системи за Мерцедес“, изјави Мизо пред денешното официјално означување на стартот од оваа фаза во нивните активности.

Со ова вложување вкупната инвестиција на германската групација ќе надмине 150 милиони евра. Притоа, значаен е и бројот од околу 1.300 работни места. Дел од потребната опрема за производство е веќе донесена во охридската фабрика, а исто така, реализирани се и дел од вработувањата.

На денешниот настан присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

„Она коешто го видов внатре прво ме инспирира како универзитетски професор, како човек којшто предава предмети од полето на мехатрониката, навистина импресивно. Би рекол заедно со најсовремените и најмодерните светски текови се произведува овде кај нас во Охрид. Повеќе од 1150-тина вработени го произведуваат тоа. Директорот тоа го кажа каде сè се вградува сето тоа како модули во кои возила, во кои марки на возила, брендови, зборуваме за светските топ бренд возила, Мерцедес, Фолксваген итн. Нешто што е навистина импресивно. 

Импресивни се и плановите за во иднина. Импресивни се и новите инвестиции од 50-тина милиони евра во следниве 4 години, но и планот за извоз поголем од половина милијарда. 

Кога на сето ова ќе се додадат и други можни инвестиции во Македонија од страна на „Костал“ тоа значи дека ние како Влада треба да имаме, но и мислам дека имаме, посебен пристап кон однесувањето на инвеститорите без разлика дали се тоа странски или домашни, но ваков тип на инвестиции треба да ги поддржуваме и да ги охрабруваме што повеќе да инвестираат и да ги задржиме тука кај нас. Затоа што многу лесно ако ние се однесуваме неодговорно како што изминатите години бевме сведоци се однесуваа претходните Влади, тогаш многу лесно можеме и да ги изгубиме.

Јас како претседател на Владата апсолутно многу пати во минатото сум го кажал, ќе го кажам и ќе го повторам тоа и сега дека сè што можеме како Влада да бидеме пријатели на бизнисот на економијата, го правиме и ќе продолжиме тоа да го правиме, бидејќи денешниот современ патриотизам е токму тоа. Инвестирање, обезбедување на добро платени работни места и извоз. Само така можеме да бидеме во радарот и на мапата на светските случувања. Сè останато е импровизација“, посочи Мицкоски.