Германскиот концерн VAG објавувал манипулативни податоци за продажбите на своите автомобили во Франција, и тоа неколку години по ред, објави „Дер Шпигел“, пренесува НетПрес.
Според весникот, германскиот производител си ги натпишал бројките на продадени возила за дури 800.000. Обемот на продажбата бил зголемуван со лажни бројки од страна на францускиот претставник на „Фолксваген“, а измамата била откриена од ревизорска компанија, најмена за проверка на сметководството.
Огромен број на автомобили биле регистрирани месеци, па дури и години, откако биле маркирани како продадени во документацијата на концернот. Со тоа во отчетите се нашле возила кои всушност биле доставени многу подоцна. Меѓу нив не се само модели на „Фолксваген“, туку и на „Шкода“, „Ауди“ и на „Сеат“.
Новинската агенција „Ројтерс“ објавува дека во април, годинава, Матијас Милер, шеф на концернот, добил извештај за резултатите од внатрешната ревизија, по што раководителот на француското претставништво, Жак Ривоал, бил отпуштен од работа. Како официјална причина за тоа биле посочени несогласувањата по стратешки прашања меѓу филијалата и централата.
Инаку, во јануари, годинава, беше објавено дека по сумираните податоци за продажбата во 2016 година, „Фолксваген“ е најголемиот производител на возила во светот. Според тогаш објавените податоци, германскиот гигант успеал да продаде 10.312,400 возила, а исто така раст забележале и сите брендови кои ги опфаќа концернот.
Но, светските медиуми сега објавуваат дека вистинитоста на ова е доведена во прашање, бидејќи бројката на „продадени“ возила, по обелоденувањето на аферата во Франција, се топи. Исто така, се напоменува и претходната голема измама на „Фолксваген“, која ја открија американските власти, односно дека германскиот производител со помош на софтвер во возилата лажирал податоци за тоа колку нивните мотори ја загадуваат околината. Софтверот давал податоци дека загадувањето од двигателите на „Фолксваген“ е минимално, а всушност по тестирањата на американските власти се испоставило дека тоа е многу поголемо. Потоа се испостави дека „Фолксваген“ продал возила со софтвер кој дава лажни податоци не само на пазарот во САД, туку и во многу други земји во светот. Па така, сегашнава измама со бројот на продадени возила, се претпоставува дека нема да биде само за Франција, туку и за други земји во светот.
Берзантските аналитичари, пак, сметаат дека измамата која ја правел „Фолскваген“ со бројот на продадени возила, и тоа за да биде прогласен за најголем производител во светот, всушност било за да ја зголеми својата вредност на акциите и со тоа да се опорави финансиски од претрпените штети од претходната афера со софтверот со лажни податоци.