Во круговите, љубители на афоризмот, со нетрпение се очекува најновата книга со афоризми на македонскиот ВИБ (големиот маг на афоризмот Владимир Булатовиќ ВИБ), Васил Толевски. Нестрпливоста е оправдана бидејќи нашиот афористичар веќе подолго време своите афоризми ги објавува во најпрестижните весници, портали и списанија на Балканот: ЕТНА, Носорог, Разбибрига, Илустрована политика, Политика, Вечерни новости, Фенамизах… Сепак македонската јавност со неговите афоризми може да се сретне само на социјалните мрежи, каде е редовно присатен.
Книгата содржи преку 1000 афоризми, двојазична (македонско/англиски), и како таква е прва книга објавена на овој начин. Извонредната насловна страница е на тандемот Бојан и Никола Симовски. Еден од рецензентите е Витомир Теофиловиќ, најдобриот блкански познавач на афоризмите, а останати рецензенти се Раде Ѓерговиќ и нашиот афористичар Миле Ѓорѓијоски. Книгата е илустрирана и со карикатури од најдобрите балкански карикатуристи (Дрљевиќ, Ханушиќ, Ќеличанин, Алашевиќ, Борковиќ и нашите Поп-Илиев и Георгиевски).
Афоризмите во книгата се објавувани во последните неколку години, а се работи за политичко-сатирични афоризми. Според зборовите на Витомир Теофиловиќ… „Афоризмите на Васил навидум се едноставни, ги доживуваме како блиски и на сите разбирливи забелешки и пораки. Со внимателна анализа, меѓутоа, откриваме дека и покрај таа едноставност тие имаат повеќеслојно значение и дискретни пораки, дека полно зборуваат и помеѓу редови. Тоа во естетиката и теорија на книжевноста, да се потсетиме, се нарекува сложена едноставност, коja ja достигнуваат само мајсторите на стилот. Анатол Франс и Мари фон Ебнер-Ешенбах тој стил го прогласија за врвен, чист израз на генијалноста“.
За пошироката јавност да напомнеме дека Васил Толевски е најголемиот експонент на македонската сатира низ светот. Неговите афоризми може да се најдат и на сајтовите во Италија, Полска, Србија, Црна Гора, БиХ, Романија и Турција. Има објавено преку дваесетина збирки и антологии, повеќето во Србија и Полска. Сепак, негово најголемо богатство се неговите шест авторски дела (Четири чекори до вистината, Музика за глуви, Исусе Луцифер не вика, Македонијо мајко кој ми е татко, Библија за неверници и Маде ин Мацедонија). Добитник е на многу значајни награди во земјата и странство. Тој е прв странски добитник на најпрестижната награда во сатирата, Радое Домановиќ (Србија), како и Златен круг на Сатира фест (Србија) и Златна алка во Бјелина (Босна и Херцеговина).
Според изјавата на Васил Толевски, тој и неговиот издавач, Меѓународниот Славјански Универзитет „Г.Р.Державин„ од Свети Николе, со ова ремек дело од областа на сатиричниот афоризам ќе се претстават и на престојниот фестивал во Плевља (Црна Гора). На оваа манифестација која е традиционална се претставуваат најдобрите сатиричари од просторите на бивша Југославија.