Нова книга од Марта Маркоска насловена „Култура и меморија“

Деновиве излезе од печат најновата книга од авторката Марта Маркоска, насловена „Култура и меморија” во издание на Матица.

„Луцидна, инвентивна, прониклива и инспиративна, со спокоен теориски дискурс кој го истакнува метафизичкиот карактер на времето и на меморијата, Марта Маркоска ја испишува својата нова книга откривајќи ја веројатноста како состојба на светот, не на умот. Свесна за трансценденталната моќ на значењата и за влијанието на историските контексти во формирањето на колективните културни мемории (тие дискурзивни конструкции, зависни од центрите на моќ и шпекулативните состојби на духот), Маркоска говори за улогата на политиката, не само во креирањето на јавното мнение, туку и во (зло)употребата на театарот како важна културна и социјална институција, лишена од идеолошка неутралност,“ пишува професорката Ангелина Бановиќ – Марковска за книгата.