![Stefan Vlahov - Micov - Filozofija na bakanskiot pekol](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/10/Stefan-Vlahov-Micov-Filozofija-na-bakanskiot-pekol.jpg?resize=696%2C357&ssl=1)
Во мултимедијалниот центар „Матица екслузив“ на 21 октомври (вторник) во 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „Филозофија на балканскиот пекол“од Стефан Влахов Мицов, издание на „Матица македонска“од Скопје.За најновото остварување на познатиот филозоф,историчар и книжевник ќе говорат Тодор Чепреганов и амбасадорот и публицист Ристо Никовски.
„Филозофија на балканскиот пекол“ е обемно монографско истражување кое се чита како занимливa лектира. Авторот докажува како се фалсификуваше историјата на Балканот од антиката до денес и каква е улогата на летописците и хроничарите за одрдени круцијални теми. Мицов констатира дека самовеличањето на сопствените држави и негирањето на соседите создава искривена слика за балканските народи, а промената на идеолошките матрици ја деградира и психологијата на балканците, особено по 19. век па се до денес кога најпрвин Големите сили ја пренапишуваат историјата на овој регион, создавајќи вештачки нации и особено, кога балканските држави се обидуваат да создадат нова историја за себе, која треба да соодветствува на западноевропската.
Стефан Влахов Мицов е автор на дваесетина книги од областа на филозофијата, публицистиката, книжевната критика и есеистика. Континуирано ги проучува, анализира и толкува балканските историски процеси во нивната антрополошка и психолошка длабочина.. Како резултат на неговата темелна подготвеност и систематичност во изминативе десет години тој ги објави делата: „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“, „Вируси за поматени мозоци“, „Хероите и потомците“, „Македонската еманципација на Балканот“ и „Држава како се гради и брани“.