
Кумановскиот тутунски бос Бајруш Сејдиу и понатаму е еден од најголемите должници на државата. На најновата листа на должници што ја овјави Управата за јавни приходи со неплатен персоналец од дури 1,8 милиони евра, тој е на 15. место меѓу вкупно евидентираните 4.328 граѓани и фирми неплаќачи на давачките кон државата по разни основи.
Сејдиу неодамна со одлука на Кривичниот суд излезе од затвор на условен отпуст од 11 месеци. Против него има две пресуди, од 12 години и 5 ипол години затвор за малверзации со стечајни постапки, фалсификување цигари и злосторничко здружување. Иако сега е на слобода, никако не се решава да си ги намири обврските кон државата.
Меѓу фирмите должници, пак, најголемиот дел не се изненадување на најновата листа на УЈП, туку напротив, таму се постојано, со години. Најголем должник е охридски „Отекс“, кој на државата требад а и плати близу 15 милиони евра.
Како и претходно, следуваат трите фирми за автобуси на Мексиканецот со македонско потекло Ангел Касиљо, а на петтото место меѓу должниците е „Македонијапат“. За разлика од минатиот месец кога долгот и изнесувал шест милиони евра, сега оваа државна компанија должи околу 400 илјади евра помалку. Од должниците кои ги има на сите до сега објавени листи е и МРТВ со долг од еден милион евра. Оваа сума е двојно помала од објавената минатиот месец.
По повеќе основи и понатаму должат и неколку општински комунални претпријатија, скопската општина Карпош, МЖ Инфраструктура, како и загубарот „Еурокомпозит“ и компанијата за поправка на шински возила позната како Колска од Велес. И понатаму како должник се води и фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан, кој е осомничен во случај што го води Специјалното јавно обвинителсто, но сега со долг од 1,3 милиони евра, што е за 300.000 евра повеќе отколку на октомвриската листа.
На оваа, претпоследна за годинава листа на должници се фирмите и граѓаните со долгови за ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, кои им доспеале на 31 јули, а не ги платиле до 31 октомври оваа година. Овој пат, како должници по разни основи се евидентирани 2.153 фирми, што е за 110 повеќе отколку на претходната листа.
УЈП ги објавува само физичките лица кои должат најмалку 120.000 денари и фирмите со долгови над 300.000 денари.