Фудбалската селекција на Бразил незапирливо оди кон пласманот на Светското превенство во 2022-ра во Катар, откако ја впиша и осмата последователна победа во јужноамериканските квалификации, но вечерта ја одбележа аргентинскиот ас Лионел Меси кој стана најдобриот стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал во Латинска Америка.
Аргентина во средбата од 9-то квалификациско коло пред 25.000 гледачи на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес, кој првпат беше отворен за публиката од почетокот на пандемијата на коронавирусот, ја совлада Боливија со 3:0. Стрелец на сите три погодока беше Лионел Меси во 14, 65 и 89 минута.
Со тоа Меси стаса до бројката од 79 погодоци во дресот на „Гаучосите“, соборувајќи го досегашниот рекорд на легендарниот Бразилец Пеле според бројот на головите постигнати за некоја јужноамериканска селекција. Пеле во дресот на некогашните „Кариоки“ сегашни „Селекао“ постигна два погодока помалку – 77. Светскиот рекорд од неодамна е во сопственост на Кристијано Роналдо, кој во дресот на Португалија досега има постигнато 111 погодоци.
Аргентина до победата дојде четири дена по фарската во Баразил, кога брзилската здравствена агенција Anvisa го прекина мечот во Сао Паоло во 7 минута, бидејќи наводно Аргентинците ги прекршиле епидемиолошките прописи. Бразилските власти го прекинаа мечот, а сега се очекува одлуката на ФИФА, која објави дека го истражува случајот.
Аргентина со оваа победа остана на втората позиција зад Бразил кој го порази Перу со 2:0, впишувајќи ја осмата последователна победа во квалификациите. Бразил, кој настапи без играчите од англиското првенство, работата ја заврши уште во првото полувреме, со головите на Евертон Рибеиро во 15 и на Нејмар во 40 минута.
Уругвај со колот на Гастон Переиро во судиското продолжение на мечот го победи Еквадор искачувајќи се на третото место. Воедно тоа беше и единствениот удар на домаќините во рамките на противничкиот гол во текот на целиот натпревар.
Колумбија го порази Чиле со 3:1, додека Парагвај ја победи Венецуела со 2:1 остварувајќи ја првата победа во последните седум кола.
На табелата прв е максималниот Бразил со 24 бодови, Аргентина има 18, Уругвај 15, а Еквадор и Колумбија по 13 бодови.
Четирите првопласирани репрезентации ќе се квалификуваат за мундијалот во Катар, додека петтоплаианата ќе игра во меѓурегионалното доигрување.
РЕЗУЛТАТИ
Парагвај – Венецуела 2:1 (Мартинез 7, Ромеро 47 / Канселор 90)
Уругвај – Еквадор 1:0 (Переиро 90 + 2)
Аргентина – Боливија 3:0 (Меси 14, 65, 89)
Бразил – Перу 2:0 (Рибериро 15, Нејмар 40)
Колумбија-Чиле 3:1 (Борха 19-11м., 20, Куеста 74 / Менезес 56)
ТАБЕЛА
1. Бразил 8 8 0 0 19-2 +17 24
2. Аргентина 8 5 3 0 15-6 +9 18
3. Уругвај 9 4 3 2 13-10 +3 15
4. Еквадор 9 4 1 4 16-11 +5 13
5. Колумбија 9 3 4 2 16-16 0 13
6. Парагвај 9 2 5 2 9-11 −2 11
7. Перу 9 2 2 5 8-17 9 8
8. Чиле 9 1 4 4 9-12 −3 7
9. Боливија 9 1 3 5 12-22 −10 6
10. Венецуела 9 1 1 7 5-15 −10 4