И фудбалерите на Челзи успеаја да го задржат максималниот ефект по третото коло во англиската Премиер лига, откако на гости во неделата со 2:1 го совладаа Њукасл Јунајтед, во контроверзен меч кој беше решен во последните петнаесетина минути.
Марко Алонзо избори во најмала рака сомнителен пенал од кој Еден Азар во 76 минута го доведе во водство Челзи. Њукасл, кој пред своите гледачи пружи уште една солидна партија но на крајот беше поразен како и во првото коло од Тотенхем, израмни со голот на Џозелу во 83 минута. Сепак, Челзи дојде до трите бода откако шутот на Алонзо во 86 минута во сопствената мрежа го скршна Дандере Једлин.
Челзи е во водечката група тимови со максимални девет бодови каде уште се и Ливерпул и Вотфорд, додека Њукасл е 16-ти со еден бод и му претстојат тешки мечеви следната седмица.
Фулам со 4:2 го победи Барнли во мечот во кој во првото полувреме беа постигнати дури пет голови. Стрелци за домашните беа Сери во 4, Митровиќ во 36 и 38 и Шурле во 83 минута, додека за гостите погодија Хендрик во 10 и Тарговски во 41 минута.
За Фулам по стартните два пораза ова беа првите три бода со кои е на делба на 12-то место, а Барнли е на 18-то место со еден бод.
Вотфорд претходно во неделата на свој терен го совлада Кристал Палас со 2:1, и по третото коло го задржа максималниот ефект и има девет бодови како и водечките Ливерпул и Челзи.
Воедно ова беше првпат во клупската историја Вотфорд во најелитното англиско фдубалско натпреварување да впише три победи во првите три натпревара. Стрелци за домашните беа Роберто Переира во 51 и Хозе Олебас во 71 минута, додека утешниот гол за Кристал Палас го постигна Вилфред Заха во 78 минута.
Ден претходно Ливепрул со голот на Мохамед Салах во 23 минута го совлада Брајтон едн Хоув Алнион и го задржа максималниот ефект, додека шампионот Манчестер Сити беше изненаден кај новакот во лигата Вуверхемптон и одигра 1;1, а Арсенал ја постигна својата прва победа во пренството под водство на Унаи Емери совладувајќи го на домашен терен Вест Хем Јунајтед со 3:1.