Новите поштенски марки наменети за наградната игра „Фискална во рака-награда без мака“ со симболична цена од само осум денари од денеска се пуштени во оптек.
Намеските поштенски марки беа промовирани од страна на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и генералниот директор на АД „Македонска пошта“, Рафис Алити.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека со поштенски марки се намалуваат трошоците на граѓаните кои сакаат да учествуваат во наградата игра и да ги испраќаат своите пликоа со 20 фискални сметки. Ставрески рече дека со изработката на поштенските марки и Македонски пошти се вклучува во наградната игра за која Владата обезбеди вредни награди.
Ставрески посочи дека главната награда на извлекувањето на 27 јануари е автомобил „фолксваген поло“ како и упте 150 награди и вредносни ваучери.
„Граѓаните може да ги испраќаат своите пликоа до 26 јануари на полноќ, а извлекувањето е на 27 јануари. Во игра се сите фискални сметки испратени од почетокот на наградната игра, односно од 15 ноември“, истакна Ставрески.
Во извлекувањето покрај новоиспратените, ќе учествуваат и пликоата испратени во претходното коло.
Алити истакна дека за нив е голем чест што се приклучуваат во акција која е иницирана од Министерството за финансии и Владата на Република Македонија.
Вицепремиерот нагласи дека има голем интерес за учество во наградбата игра од страна на граѓаните и дека се разгледува можноста да бидат поставени кутии за собиање на пликоата и во другите градови.