Нова предистражна постапка против Васил Божков за убиство и силување

Бугарското Специјално обвинителство одвои материјали од предистражната постапка против Васил Божков во врска со бројни кривични дела, од кои некои се однесуваат на неплаќање значителни такси според законот за игри на среќа, перење пари и друго. Во оваа постапка бугарскиот тајкун е наведен како шеф на организирана криминална група.

Посебните материјали содржат и информации за други незаконски дејствија – убиства, принуда и силување, за кои е поведена нова предистражна постапка за учество во организирана криминална група, која дејствува на територијата на Бугарија од 2012 година досега, соопшти Обвинителството.

Побарани се предистражни постапки од други обвинители во врска со конкретни случаи поврзани со истраги и обиди за убиства. Се вршат анализи на сите убиства во претходните години, поврзани со лица, кои биле вклучени во организирање нелегални игри на среќа, како и случаи на силување.

Обвинителството и полицијата ги повикаа сите граѓани, кои имаат релевантни информации за обелоденување на криминалната активност на групата, да ги споделат со надлежните органи, а нивната анонимност ќе биде гарантирана.

Бараниот бизнисмен Васил Божков е уапсен во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) заедно со сопственикот на ФК Левски, Георги Попов. Обвинителството најави дека ќе ги испрати сите потребни документи што е можно поскоро за да се активира постапката за екстрадиција. Пред неколку дена на аеродромот во Виена, беше приведен и блискиот соработник на Божков, бизнисменот Борис Бекијаров.