Територијални претензии од говорницата на бугарскиот парламент. Од Софија повторно оддекна – Македонија е бугарска.
Денеска пред пратениците и јавноста, Костадин Костадинов – лидерот на новата политичка сила во Бугарија-Преродба, порача дека неговата партија ќе преземе чекори во седиштето на ЕУ и европските институции, за да докажува дека Македонија и Бугарија биле едно.
– Ќе го направиме тоа што нашата држава не го прави. Ќе зборуваме за бугарската историја, за бугарската култура и за бугарскиот јазик во Европската Унија, во Стразбур, во Брисел, таму каде што се центрите на европските институции, за да стане јасно едно – Македонија е бугарска, отсекогаш била и ќе биде. Македонија е Бугарија. Бугарија е Македонија, да живее Бугарија – рече Костадин Костадинов.
За Костадинов македонскиот јазик е таканаречен, а идните преводи од македонски на бугарски и обратно се национално предавство. Најави едукација на европските партнери за фактичката вистина за македонскиот јазик и ја навреди шефицата на Европската Комсија- Урсула фон Дер Лајен затоа што во Скопје порача дека македонскиот јазик е признаен и ќе биде службен јазик во Европската Унија.
– Ние во Бугарија имаме луѓе кои мислат дека во Швајцарија се зборува на швајцарски, во Америка на американски, во Австрија на австриски и дека Баварците зборуваат на баварски, само што тие луѓе не се шефови на Европската Комисија. И таа неписменост не ја оправдува ниту Урсула Фон дер Лајен, ниту нејзините партнери потчинети во Европската Комсија – рече Костадин Костадинов.
Македонското малцинство во Бугарија го нарече непостоечко и дека е организирано директно или индиректно од, како што кажа соседната земја. Партијата Преродба пред бугарскиот парламент уште следната недела ќе претстави и книга за Никола Вапцаров каде тој се дефинирал како Бугарин. Костадинов денеска изрази и загриженост за бугарските организации во Македонија со порака, дека ќе настрадаат.