![](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/08/zemjotres-grcija.jpg?resize=696%2C391&ssl=1)
Во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос синоќа беше регистрирана нова серија земјотреси над 4 степени, од кои најсилниот беше 5 степени според Рихтер, додека земјотресите продолжија и во текот на ноќта и рано утрово, меѓутоа со помал интензитет, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, во периодот од 20.41 до 22.35 часот по локално време беа регистрирани 16 земјотреси меѓу 3,1 и 5 степени, од кои половина беа над 4 степени.
Професорот по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун Костас Папазахос за грчката телевизија ЕРТ утрово објасни дека земјотресите во близина на Санторини може да траат со недели, па дури и месеци и не е нешто што ќе се промени преку ноќ.
– Без разлика дали е серија земјотреси или предземјотресна секвенца, тоа трае со недели, понекогаш дури и месеци. Не е пријатна порака, но така е. Низата ќе продолжи и тоа со оваа карактеристика, објасни сеизмологот и додаде дека во период од два-три часа може да има земјотреси од 4-5 степени, а потоа да поминат 12-16 часа, да се смири серијата, па повторно да се појават.
Во однос на тоа колку долго би можела да трае појавата, Папазахос посочи дека не можат точно да проценат, но дека е веројатно цел февруари или голем дел од месецот да помине со слична ситуација, изразувајќи надеж дека полека ќе има постепена деескалација.
Паралелно, поради земјотресите во близина на Санторини, првиот крузер за оваа година што денеска требало да пристигне на островот, ја сменил рутата и се закотвил на Крит.
Според грчките медиуми, крузерот „Viking star“ со 893 патници и 470 членови на екипажот, ја променил програмата и поради безбедноста и за да се избегне метеж на старото пристаниште и жичарницата, каде што постои опасност од лизгање на земјиштето, па наместо на Санторини пристигнал на Крит.
Хотелиерите од Санторини за грчките медиуми во изминатите денови посочија дека засега немаат откажувања на резервациите како за следниот период, така и за велигденските празници.
На туризмот и новата сезона се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговата посета на островот кога рече дека имаат должност да ја заштитат, да ја зачуваат репутацијата на популарната туристичка дестинација и да бидат сигурни дека „2025 година исто така ќе биде одлична година за туризмот на Санторини“ и затоа посочи дека во јавната комуникација, треба да постои баланс меѓу потребата да се дејствува превентивно, без да се репродуцираат катастрофални сценарија, „кои потенцијално може да исплашат некои посетители“.
Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите ќе бидат затворени и оваа седмица, со одлука на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.