Нова веб-апликација за следење на жешките точки и еколошкиот статус на Охридското и на Преспанското Езеро

Група на студенти разви веб-апликација која овозможува интерактивно прикажување на биолошкиот статус на Охридското и на Преспанското Езеро. Оваа апликација е создадена да ги прикаже клучните еколошки параметри и податоци за двата езера низ годината кои произлегуваат од работата на Хидробиолошкиот завод Охрид.

Преку веб-апликацијата hidrobioloski-zavod-ohrid.vercel.app, граѓаните, научниците и љубителите на природата ќе можат во секое време да пристапат до податоци за загаденост, температурата на водата, нивото на кислород, состојбата на биолошките видови и други значајни фактори кои влијаат на екосистемите на езерата. Апликацијата претставува практичен начин за подобро разбирање на состојбата на овие природни богатства и ја нагласува важноста на нивната заштита.

„Горди сме што студентите покажаа како иновативни решенија можат да придонесат за зачувување на природната средина. Оваа веб-апликација ќе овозможи транспарентен пристап до податоците за езерата, што е значаен чекор кон нивна одржлива заштита,“ изјави Иван Јованов од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој, организацијата реализитор на проектот Иновациските кампови.

Директорката на Хидробиолошкиот институт, Орхидеја Тасевска, го истакна значењето на ова решение: „Оваа апликација ќе ја приближи науката до јавноста и ќе овозможи сите заинтересирани страни да имаат пристап до најновите податоци за состојбата на езерата. Веруваме дека ова е одличен пример за тоа како младите можат да придонесат со своето знаење и креативност во заштитата на природата.“
Веб-апликацијата веќе е достапна за користење на hidrobioloski-zavod-ohrid.vercel.app, а повеќе информации може да се добијат преку веб-страницата на Хидробиолошкиот институт Охрид.
Веб апликацијата беше развиена во рамки на проектот „Иновациски кампови во сорабока со Мрежата за искуствено учење“ е реализиран од Здружението LEAD во партнерство со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка на Шведска.