Изградба на велосипедско-пешачка патека од два километра од Западен булевар до фабриката Дрекслмаер и проект за проширување на булеварот до фабриката, најави денеска на прес-конференција, кандидатот за градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев.
„За безбедно движење на пешаците и велосипедистите, а ќе се намали и фреквенцијата на возила. Тоа е плус во континуитетот за проширување на влезовите во Кавадарци“, рече Јанчев кој е кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Нагласи дека проектот ќе се реализира во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта.
Јанчев најави и проект за подземен пешачки премин за Западен булевар. Тој рече дека со тоа ќе се подобри безбедноста во сообраќајот.
Додаде дека станува збор само за дел од проектите, кои ќе придонесат за развојот на општината Кавадарци.