Граѓани, активисти и љубители на Попова Шапка вчера се собраа и разговараа за проблемите на центарот, на јавната расправа организирана од Општина Тетово. Но, на дебатата не се појавија двајцата министри чии улоги се многу важни за враќањето на сјајот на туристичката атракција „Попова Шапка“, пишува Порталб.мк.
Работа, а не зборови, урбанистички план, долгорочен план, паркинзи, ефикасно управување со отпад, јавни услуги, жичница, канализација, општински јавни претпријатија за туризам, инвестиции, вештачки снег, не лични интереси, нулта толеранција за дивоградби, координација меѓу локалната и централната власт, канцеларија за туризам во општината, добра патна инфраструктура, јавно осветлување…
Сите овие работи граѓаните ги побараа со цел што поскоро Попова Шапка да се врати како водечки туристички центар во регионот и пошироко.
Горенаведените точки бараат блиска институционална соработка меѓу локалната и централната власт, и тоа беше истакнато и на дебатата. На неа не присуствуваа министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за животна средина Насер Нуредини. А директорот на Елем Турс, Адем Авзиу, во моментот кога граѓаните се собраа да разговараат, беше на средба со вицепремиерот Артан Груби за да разговара на истата тема. На дебатата присуствуваше неговиот заменик.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за Порталб.мк рекоа дека поканата стигнала доцна, без претходна најава и појаснување за целта на дебатата, но Бектешки не го оправдал своето отсуство.
Градоначалникот на Тетово, порача дека е потребна соработката со централните институции, да се остават настрана политичките ставови и да седнат да работат, и Попова Шапка да се постави како приоритет.
„Со меѓуинституционална координација можеме да направиме многу добри работи, бидејќи така ќе се привлечат инвеститори, а вака тие бегаат. Попова Шапка треба да биде приоритет пред политичките ставови. Ние како локална самоуправа сакаме да ја покажеме нашата подготвеност и интерес да седнеме сериозно со сите институции на централно ниво да соработуваме и конечно од зборови да преминеме на дела, и еднаш засекогаш Попова Шапка да биде атрактивен туристички центар. Нашата заложба е она што го имаме како одговорност, околу изработката на ДУП, да во текот на 2022 година конечно имаме усвоен урбанистички план за Попова Шапка со што ќе се стопираат дивоградбите“, рече Биљал Касами.
Како опција за решавање на сообраќајниот хаос според граѓаните е жичарата Тетово-Попова Шапка, што особено беше истакнато на дебатата на која беше побарано институциите што поскоро да го решат ова прашање.
-За нас посебен и главен елемент е жичарата Тетово-Попова Шапка и бараме институциите да ги усогласат работите меѓу себе, така да тоа кој има одредена обврска за одредено прашање, како на пример ако е обврска на „Елем Турс“, да ја отвори вратата, исто важи и за општина Тетово, таму каде што и припаѓа на општина Тетово да ја отвори вратата за институциите. Да нема блокирање на работите. Бараме конкретна работа“, изјави Бурим Ислами од „Кодра Фри Рајдерс“.
Хамди Сулемани, од „Да ја спасиме Попова Шапка“, и општински советник, рече дека општината е веќе заинтересирана и барала решенија за тоа.
-Од првите информации што ги имаме понудите се од 16 до 20 милиони при што е предвидено и колку паркинг места ќе бидат потребни долу каде што почнува жичарата „Лисец“ и пошироко. Имам информација од градоначалникот дека има поднесено барање до три светски компании до кои пратил писмо за интерес, а тие ќе треба да одговорат“, рече Сулемани.