Жена на 63-годишна возраст, заболена од Ковид-19, почина денеска на Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово, со што бројот на жртви на епидемијата на новиот коронавирус во земјата се искачи на 27, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на косовската државна болница се наведува дека жената, по потекло од општина Драгаш, освен од Ковид-19 страдала и од други хронични болести, што е случај и со останатите 26 досега починати.
Заклучно со вчерашниот ден, според Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК), во земјата се регистрирани 860 заразени од коронавирусот, од кои активни се 300 случаи.
Во целата држава, согласно пропишаните методи на Светската здравствена организација, вклучително вчерашните 43 нови случаи, официјално како излекувани се водат 533 лица.