Србинот Новак Ѓоковиќ наиде на многу критики за време на пандемијата со коронавирусот. На некои им се допадна неговата идеја да се соберат средства за нискорангираните тенисери, други го нападнаа бидејќи јавно кажа дека нема да се вакцинира, па тоа се надоврза на негативниот имиџ кој српскиот тенисер го има во јавноста.
Сепак, еден престижен светски медиум го претстави во позитивно светло. Шпанска „Марка“ го нарече „тенискиот Робин Худ“, алудирајќи на неговата активност во најтешкиот период од кризата со ковид-19.
„Токму Новак беше тој што прв ги предупреди своите колеги да си заминат од САД. Одлично ја предвиде пандемијата и им помогна на многумина. Исто така собра милиони наменети за нискорангираните колеги, кои ќе добијат околу 8.000 долари помош во овој тежок период. Донираше во многу болници во родната Србија, но не заборави на Шпанија и Италија, најпогодените земји во Европа“, пишува шпанскиот медиум.
Првиот светски ас е можеби најпогоден од паузата, бидејќи ја започна 2020 година со две освоени титули и ниту еден пораз. Кога се наоѓаше во фантастична форма, мораше да прекине и да мисли на своето здравје и на здравјето на најблиските, а не на тенисот.
Ова е пример кој ретко се случува, некој светски спортски информатор позитивно да пишува за Ѓоковиќ. Често тој е во улога на „негативец“, најмногу поради својот карактер, кој понекогаш му носи проблеми на терените, а воедно и му одзема дел од симпатиите на навивачите.