Почувствував болки и затоа го прекинав тренинг мечот, изјави српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ кој во Мелбурн се подготвува за стартот на првиот Грен слем турнир годинава, Австралија Опен.
Ѓоковиќ, четвртиот носител на Австралија опен, одигра тренинг-натпревар против Русинот Данил Медведев, со кого минатата седмица играше во полуфиналето на турнирот во Аделаида, каде Ѓоковиќ ја освои титулата.
Медведев, минатогодишниот финалист на Австралија опен, го доби првиот сет со 6-4, а Ѓоковиќ во тој момент го прекина мечот и го напушти теренот поради проблем со левото колено. Годинава Ѓоковиќ зборуваше и за проблеми со бутниот мускул на истата нога.
„Станува збор за болка во тетивата што ја почувствував минатата седмица на турнирот во Аделаида. Не сакав ништо да ризикувам и сакам да избегнам каква и да се непријатности и стравови пред почетокот на Австралија опен“, коментираше Ѓоковиќ, кој е главен фаворит за освојување на турнирот во Мелбурн.
Претходно во кариерата Ѓоковиќ рекордни девет пати го освои овој Грен слем турнир. Првпат во 2008 година, а последен пат во 2021 година.