Најдобриот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ, е победник на 66. избор за Европска спортска личност на годината, што од 1958 година ги спроведува полската новинска агенција PAP.
На овогодинешниот избор учествуваа 21 национална агенција од Стариот континент.
За 36-годишниот српски тенисер ова е петтото признание во споменатиот избор (2011, 2015, 2018, 2021, 2023) со што се израмни со досегашниот рекордер, легендарниот швајцарски тенисер Роџер Федерер.
Ѓоковиќ ја има една од најдобрите сезони во кариерата, во која освои три Грен слем трофеи (Австралија Опен, Ролан Гарос, УС Опен) и го загуби финалето на Вимблдон во пет сета од Шпанецот Карлос Алкараз. Со својот триумф на завршниот турнир во сезоната, АТП финалето во Торино, Ѓоковиќ по осми пат во кариерата ја заврши годината на првото место на поединечната АТП ранг листа.
Ѓоковиќ освои 178 поени, 28 повеќе од второпласираниот трикратниот светски шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен. Светскиот рекордер и светски шампион во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис го освои третото место со 86 поени.
Меѓу првите десет се и две спортистки: најдобрата тенисерка на светот, Полјачката Ига Швијатек, минатогодишната победничка на ова натпреварување, заврши со 72 бода на шестото место, додека холандската атлетичарка Фемке Бол, светска шампионка во 400 метри со пречки и светска рекордерка во сала на 400 метри, со 49 поени го освои осмото место.
66. изборот на PAP за Eвропска спортска личност на годината
1. Новак Ѓоковиќ (СРБ/тенис) 178 поени
2. Макс Верстапен (ХОЛ/Формула 1) 150
3. Арманд Дуплантис (ШВЕ/атлетика) 86
4. Ерлинг Халанд (НОР/фудбал) 80
5. Никола Јокиќ (СРБ/кошарка) 74
6. Ига Швијатек (ПОЛ/тенис) 72
7. Јоханес Тингс Бое (НОР/бијатлон) 51
8. Фемке Бол (ХОЛ/атлетика) 49
9. Марко Одермат (ШВА/алпско скијање) 44
10. Јонас Вингегард (ДАН/велосипедизам) 40