Новак стави вето на став во хомофобниот закон со кој анонимно се пријавуваат истополови двојки

Унгарската претседателка Каталин Новак стави вето на законот кој се смета за хомофобен и дискриминаторски кон ЛГБТК+ луѓето и побара од парламентот да го исфрли контроверзниот став со кој ќе биде легално анонимното пријавување во владата на одредени истополови двојки.
Унгарскиот парламент претходно овој месец со гласовите на владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан одобри закон со кој теоретски се транспонира директива на ЕУ за заштита на свиркачите, но исто така ќе им овозможи на луѓето да известуваат за оние кои ја оспоруваат „уставно признатата улога на бракот и семејството“ и оние кои ја оспоруваат детската права „на идентитет соодветен на нивниот пол при раѓање“.
Ова, според Новак, оди подалеку од транспонирање на правото на ЕУ, бидејќи контроверзното поглавје „не ја зајакнува, туку напротив ја ослабува заштитата на основните вредности“.
Инаку, Законот има одредби за заштита на граѓаните кои сакаат да пријават недостатоци и прекршоци во институциите и фирмите, како и дел кој овозможува луѓето да ги осудуваат сограѓаните од идеолошки причини.
Според законот, истополовите двојки кои заедно воспитуваат деца можат да бидат пријавени анонимно.
Пратениците, како што објави Блумберг, сè уште можат да го отфрлат ветото на Новак.
Ова е првпат за време на владеењето на Орбан шефот на државата да се спротивстави на закон кој е многу важен за него. Инаку, Новак, како и нејзините претходници од 2010 година е член на владејачката партија.