Новата џамија во Нерези е дивоградба, ама на Стевче Јакимовски тоа не му пречи за свечено да ја отвори

За тоа дали џамијата има дозвола за градба, од Општина Карпош велат дека „уредна градежна документација нема ниту еден верски објект во Карпош, освен црквата Св. Пантелејмон која е изградена во 11 век“.

Македонија ги доживува најпоразителните статистики во однос на хаотичната состојба во државава, а како резултат на корупцијата навлезена во секоја општествена сфера и од секаков вид.

Поткупување, изнуда, протекции, непотизам, мито…. се секојдневно присутни во животот на граѓаните и восоко котираат во државните институции, образованието, здравството… На ова постојано реагираат и претставници на Европската унија и странските амбасадори во земјава.

Но, кога станува збор за урбанизмот и градежништвото, ова се сектори кои се најподложни на корупција, па одговорни во локалната или централната власт за „аминување“ на потребната документација за градба, со месеци чуваат во фиока решенија за уривање на дивоградби, не се постапува по налог на градежен инспекторат, или се добиваат документи во не баш транспарентна процедура…

Вчерашниот пример со отворање на новата џамија во Нерези, отвора дел од овие сомнежи, бидејќи според документ од овластен градежен инспектор објектот е граден без одобрение за градба.

Во документот кој датира од 24.6.2021 година, ѝ се налага на Исламската верска заедница, во рок од три дена по приемот на Заклучокот, сама да ја отстрани дивоградбата, поточноармирано-бетонската плоча и темелите на џамијата што почнала да се гради во Нерези, а немало одобрение за градба.

Дека градбата не е сопрена, а е дивоградба, кажува и нејзиното свечено пуштање во употреба вчера, настан на којшто присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, на чија општинска територија е изградена дивоградбата, градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети, високи претставници од Исламската верска заедница, како и претставници на црквата Свети Пантелејмон. Зачудувачки е моментот како градоначалник Јакимовски сече свечена лента на изграден објект, дивоградба, на територија на општината која ја води.

За тоа дали џамијата има дозвола за градба, од Општина Карпош велат дека „уредна градежна документација нема ниту еден верски објект во Карпош, освен црквата Св. Пантелејмон која е изградена во 11 век“.

„Овде пред сѐ, се мисли на објектите во црквата Св. Пантелејмон во Долно Нерези, капелата во гробиштата, Црквата Св. Илија и пропратните објекти во Горно Нерези. А објектите во црквата Св. Тројца во Бардовци се легализирани во 2019 година“, посочија од Општина Карпош.

Оттаму, исто така истакнаа дека градоначалникот Стевчо Јакимовски ја прифатил поканата да присуствува на отворање на џамијата, затоа што смета дека со тоа придонесува за градење на мирот и соживотот меѓу граѓаните од православната и исламската вероисповед.