Новата српската влада без големи кадровски изненадувања

Новата српска влада има 19 министри, а клучните места како и во претходната влада го заземаат кадри на Српската напредна партија (СНС) на премиерот Александар Вучиќ и на Социјалистичката партија на Србија (СПС).
Некои поголеми кадровски изненадувања нема, сметаат експертите. Владата има неколку експерти, неколку старо-нови министри, а некои министри само ги заменија местата. Конечниот кадровски состав на новата влада покажува дека експерти има само во т.н. економски дел на владата, додека останатите министерски функции им припаднаа на политичари, пишува „Дојче Веле“.

„Мислам дека тој дел од владата е прилично квалитетен“, оценува за „Дојче веле“, политичкиот аналитичар Милан Николиќ. Министер за економија е Душан Вуковиќ, кој работеше во Светската банка и е прознат стручњак за борба против сиромаштијата, истакнува Николиќ. „Така од една страна го имаме Вујовиќ кој не е експерт од неолиберален тип, како на пример министерот за државна управа и локална самоуправа Кори Удовички и министерот за финансии Лазар Крстиќ.

Поранешниот премиер Ивица Дачиќ во новата влада е министер за надворешни работи. Србија во моментов се наоѓа меѓу чекан и наковална кога станува збор за украинската криза и сега се поставува дилемата колку министерот Дачиќ е дораснат на тоа, се прашува Николиќ.

„А од друга страна можеби тој и не е толку лошо решение, бидејќи тој многу ќе се дружи, многу ќе пее, ќе шири насмевки и можеби ништо нема да каже за оваа ситуација или определувањето ќе го одложи на подолг рок додека да се смират страстите. Така што за сите заедно може да испадне една многу добра влада, а може да испадне и една многу проблематична влада, која нема да се избори со сите проблеми со кои се соочува“, вели Николиќ за „Дојче Веле“