Новата Влада поништила одлука за давање под закуп на комплексот „Крушино“, на зетот на претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини

Новата Влада на седница одржана на 6-јули, поништила одлука на претходната влада, со која требаше да се отуѓи земјиште, односно комплекс „Крушино“ во близина на Кичево, на Кујтим Сула, зет на актуелниот претседател на ФФМ, Мухамед Сејдини, пишува „Скопје инфо“.

Како што објави овој медиум, одлуката на претходната Влада е донесена кога Талат Џафери бил технички премиер, а потпишана од страна на поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, бидејќи местото е во сопственост на Министерството за одбрана.

Станува збор за капитален објект, комплекс „Крушино“ во чии рамки има хотел и повеќенаменски игралишта.

Целиот комплеск требало да се додели за 500 евра месечен надомест на Кујтим Сула, управител на фирма која раководи со комплексот „Кнежино“.

ТВ21 уште пред три години објави за овој спортско рекреативен центар, кој е запоставен.

Ова место некогаш било вистински рај, место кое го посетувале разни спортски екипи од земјава, но и кичевци кои го користеле за спорт и рекреација.

Тогаш во изјава за ТВ21 градоначалникот на Кичево, Дехари бараше надлежностите врз комплексот да се префрлат на општината, а од Министерство за одбрана рекоа дека се прават проценки на можностите за инвестиции и одржување на објектите со кои тие би се ставиле во функционалност за потребите на Армијата.