Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде сплотена со земјоделците, вели Димовски

Љупчо Димовски, пратеник на денешната трибина во Прилеп насловена како „Современи политики за развој на земјоделството“ рече дека клучни се три работи, а тоа се семе, вода и земја.

„Со овие работи е стартот и може да се надополнуваат истите со законите и политиките. Потребен е и пласман на производите. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде сплотена со земјоделците“, рече Димовски.

Според Димовски потребен е центар за производство на семе карактеристично за Македонија како на пример семе за домати, пиперки и слично.

„Понатаму, од 2013 година имаме десетгодишна програма за системот за водоснабдување. Тоа е програма која оваа Влада ја заборави. Во делот на земјиштето треба да се направи ревизија на распределеното земјиште бидејќи само големи парцели значат економско оправдано земјоделско производство и пониски трошоци, а поголема добивка и за земјоделците“, рече Димовски.

Димовски укажа дека мора да се донесе нов закон за тутун, мора да се забрани увоз на ориентален тутун.

„Тој закон треба да се договара со претставници на тутунарите, законот е за да им излезе во пресрет на тутунопроизводителите“, кажа Димовски.

Според него треба да се внимава и на откупот и на поттикнување на преработувачки капацитети.

“Потребна е нова посебна индустриска зелена зона каде ќе се лоцирани преработувачките капацитети каде врз договорна основа ќе се соработува со производителите за да им се гарантира откуп на земјоделците“, рече Димовски.

Во однос на субвенциите тој посочи дека истите треба да се насочени врз основа на квалитет на земјиште.

„Таму каде има најголеми успеси, таму ќе има најмногу субвенции“, посочи Димовски.